Организирај се, бори се и победи!

Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија

Скратен назив: АГРО СИНДИКАТ


Општи информации


Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците, индивидуални земјоделци, пензионери и студенти во која доброволно се зачленуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Синдикатот дејствува на територијата на Република Македонија. Агро Синдикатот е репрезентативен синдикат на ниво на држава во дејностите земјоделство, прехранбена индустрија и тутунско стопанство, а во дејноста водостопанство  има репрезентативност за учество во колективно договарање на ниво на гранка.



Синдикатот е организиран како индустриски синдикат во истородни, сродни и меѓусебно поврзани дејности, и ги опфаќа работниците во следниве гранки и дејности:

01.11 - одгледување житни, индустриски, добиточни растенија и други посеви производствона семе од нив;
01.12 - одгледување зеленчук, цвеќе и украсни билки и саден материјал;
01.13 - одгледување на овошје и грозје, јаткасти растенија и растенија за подготвување пијалоци и зачини;
01.2 - одгледување на животни;
01.3 - одгледување на посеви и засади комбинирано со одгледување на животни (мешовите фармерство);
01.41 - земјоделски услуги, водостопанство и други сродни дејности;
05 - рибарство;
15 - производство на прехранбени производи и пијалоци;
16 - производство на тутунски производи; и други сродни дејности

Во синдикатот доброволно членуваат и: - индивидуални земјоделци; - стални сезонски работници; - пензионери; - невработени лица кои работеле во дејностите на синдикатот; - студенти. Синдикатот доброволно се здружува во Сојузот на Синдикатите на Македонија и претставува негов конститутивен дел. Синдикатот може да се здружува и во други сојузи и меѓународни синдикални организации. Агро Синдикатот работи на остварување на својата програма и на континуирана едукација на членството по сите актуелни прашања од законската регулатива, од социјалната сфера, од областа на колективното договарање и други теми по барање на членството, како и колективно договарање на сите нивоа и утврдување на најниската плата на гранско ниво и на ниво на работодавач, а во интерес за подобруање на нивната работно правна и социјално економска положба во државата. Агро Синдикатот работи врз основа на Статутот, а внатрешните односи ги регулира со Правилници за материјално финансиско работење, за организација и начин на работа, солидарен фонд и штрајк.

Главни активности

  • Да ги штити и унапредува економските, социјалните, културните и другите интереси на своите членови;
  • Склучување на колективни договори и утврдување на цената на трудот;
  • Осигурување на заработувачката за достоен живот на членот и неговото семејство;
  • Организирање на индустриски акции, вклучувајќи и штрајк;
  • Давање на правна заштита на членството;
  • Давање на материјална и друга помош на своите членови;
  • Остварување на Уставното право за управување и учество во одлучувањето врз основа на трудот;
  • Развивање на празарот на трудот;
  • Унапредување на условите за работа и живот;
  • Унапредување на животниот стандард и социјалната сигурност;
  • Сигурност за вработување;
  • Социјална и здравствена политика и заштита на човековата околина;
  • Образование и оспособување на членството;
  • Уредување и зачувување на демократска, правна и социјална држава, заради зачувување на нејзиното слободно и независно уредување на основните човечки права и слободи;
  • Остварување и заштита на сите човечки и синдикални права и слободи, а посебно правото и слободата на делување на синдикалните претставници;
  • Зачувување на правото на отпор и независноста на синдикалното движење;
  • Работничка солидарност;
  • Заштита на достоинството на работникот;
  • Развивање на информативно-пропагандна активност од интерес на членството на синдикатот, неговите организации и органи, заради афирмација на синдикалната политика и акција во јавноста;
  • Учество во меѓународната синдикална соработка и соработка со други синдикати;
  • Водење сопствена кадровска политика;
  • Остварување на други заеднички интереси;


Кратка историја

Почетоците на синдикалното движење во Македонија датираат уште во 1920 година со првите организирани штрајкови на работниците од железничкиот сообраќај, чевларството и тутунската индустрија, а неколку години подоцна и во прехранбената индустрија. По втората светска војна со создавањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и воведувањето на социјалистичкото самоуправување, во Социјалистичка Република Македонија, како една од федералните држави во СФРЈ, Агро Синдикатот е дел од Сојузот на синдикатите на Македонија, а кој пак е во состав на сојузот на синдикатите на СФРЈ. Неговото дејствување е тесно поврзано и зависно од насоките и политиката на еднопартискиот политички систем, под водство на комунистичката партија на СФРЈ. По распадот на СФРЈ и осамостојуањето на Република Македонија како независна, суверена и самостојна држава, Агро Синдикатот станува независна, самостојна и демократска организација на работниците од земјоделството, прехранбената и тутунската индустрија и водостопанските дејности и е добоволно здружена на повисоко како посебно правно лице во Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од 1959 година до сега одржани се 14 Конгреси, а последниот 14ти Конгрес беше јубилеен, по повод 50 годишнината од постоењето на овој синдикат.

 
Структура на Агро Синдикатот

Во Агро Синдикатот членуваат вкупно 8058 членови од агроиндустрискиот комплекс во Македонија. Во рамките на Агро Синдикатот предвидени се неколку регионални канцеларии, но во сегашни услови имаме отворено само една, на чија територија претежно е застапено земјоделството, се со цел за поефикасно застапување на членството од оваа дејност.

 
Организираност на Агро Синдикатот

Како репрезентативен синдикат во Македонија, Агро Синдикатот е вклучен во преговарањето, колективното договарање, и социјалниот дијалог на сите нивоа во джавата. Организирани сме во следните облици:

  • Синдикални организации и други облици на организирање;
  • Регионални претставништва.


Синдикална организација е облик на внатрешно организирање на синдикатот, а регионалните претставништва се облик на територијално делување. Во случај на индивидуално зачленување или зачленување во помали организациски форми, одлука носи Претседателството и Претседателот на синдикатот. Синдикатот и овозможува на синдикалната организација да има право на жиро сметка кај надлежна финансиска институција (банка), за време на платниот промет. На чело на Агро Синдикатот е избран Претседател од страна на Конгресот со мандат од 5 години, и именуван Секретар со ист мандат. Стручно административните работи и правната заштита на членството ги извршува стручна служба, лица кои се во редовен работен однос во синдикатот. Агро Синдикатот соработува со Организации на работодавачи на Македонија, од дејностите во агроиндустискиот комплекс, здружението за безбедност и здавје при работа, Министерството за труд и социјална политика и други ресорни министерства. Агро Синдикатот има склучено гранкови колективни договори со утврдена најниска плата во дејностите  земјоделство, прехранбена индустрија и тунско производство.


Меѓународни контакти

Агро Синдикатот е член на: EFFAT, IUF, а има добра соработка со синдикатите од овие дејности како што се КЖИ Словенија, ППДИВ Хрватска, ППДИВУТ Босна и Херцеговина, Црна Гора, Независност и ССППДИВ од Србија, Тарим Иш Турција, ФНСЗ Бугарија, ПРО-ГЕ Австрија и АГРОСТАР Романија.

Агро Синдикатот во октомври 2010 година го одржа 14тиот Конгрес на кој беа избрани органите и телата и беше донесена програма и план за работа за период од 5 години. Во овој период Агро Синдикатот работи на остварување на својата програма и континуирана едукација на членството по сите актуелни прашања од законската регулатива, од социјалната сфера, од областа на колективното договарање и други теми по баање на членството, како и колективно договарање на сите нивоа и утврдување на најниската плата на гранско ниво и на ниво на работодавач, а во интерес за подобруање на нивната работно правна и социјално економска положба во државата.